СНУП ДОГ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА СЕБЕСИ НА ОТВОРАЊЕТО НА ЅВЕЗДАТА НА ПАТЕКАТА НА СЛАВНИТЕ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Снуп Дог оддаде признание на неколку важни личности во неговата кариера, но, пред сѐ, се заблагодари на самиот себеси на отворањето на неговата ѕвезда на Патеката на славните во Холивуд.

Во присуство на колегите-музичари Доктор Дре, Фарел Вилијамс и Ворен Џи, Снуп, чие вистинско име е Калвин Кордозар Броудас Џуниор, особено го истакна придонесот на легендарниот продуцент Квинси Џонс.

Снуп Дог со сопругата Шанте

„Тој отсекогаш ни бил како ментор, како постар брат и многу сум му благодарен на Квинси за она што сум денес. Благодарение на него, сега сум попозитивен и попродуктивен човек, кој наоколу може да шета среќен и мирен“, кажа Снуп Дог.

Во негов стил, тој не пропушти прилика да си оддаде признание и на самиот себе.

Сакам да се заблагодарам на себеси што верував во себеси, за сета напорна работа што ја направив, што немав слободни денови, што никогаш не се откажав и што секогаш сум давал повеќе отколку што сум добивал. Сакам да се заблагодарам на себеси што цело време бев јас“, кажа Снуп, додавајќи и неколку пцовки.