КУД „ДРИМКОЛ“ ОД ВЕВЧАНИ ГО СЛАВИ 70-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ СО КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 19 часот, во Младински културен центар во Скопје концерт ќе има културно-уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани, насловен „70 години организиран фолклор во Вевчани“.

На концертот ќе биде прикажан и документарен филм за традицијата на ова друштво, почнувајќи со неговиот прв настап во 1947 во Скопје. Во другиот дел на програмата ќе настапи пејачката група „Каданка“ со изворни песни од цедето „Долетало лично пиле“, кое годинава беше промовирано во чест на јубилејот. Фолклорниот ансамбл на „Дримкол“ ќе ја претстави традицијата на ора на Вевчани, Струшко поле и на Власите од Горна Белица, Струшко.

„Во Скопје речиси секоја година одржуваме еден наш целовечерен концерт. Тоа го правиме поради наши вевчанци кои живеат тука, но и за наши пријатели, соработници и поддржувачи. Со таквите концерти успеавме низ годиниве да создадеме верна публика во Скопје, пред која секогаш ни е задоволство да настапуваме“, вели Јасмина Бебекоска од КУД „Дримкол“ .