Гитаристот, пејач и кантавтор Крсте Роџевски, кој живее и работи како психијатар во Њујорк, вечерва (21 часот) во барот „Винил“ во Скопје ќе го промовира третиот албум „Зајакот и паднатиот јавор“ (The Rabbit and The Fallen Sycamore).
Тој деновиве се најде на листата најдобри албумски остварувања за 2018 на познатиот и влијателен џез магазин „Даунбит” (DownBeat). Ова е едно од најголемите признанија што некој македонски музичар го има добиено од реномираната светска музичка критика досега.
Списанието во својот јануарски број го вклучи „Зајакот и паднатиот јавор“ во листа на којашто се и последните албуми на Брајан Ино, Вадада Лео Смит, Дејв Холанд, Џо Ловано, Бред Мелдау, Џошуа Редман, Камаси Вошингтон и на други великани на денешната џез музика.
„Зајакот и паднатиот јавор“ е третиот албум од трилогијата „Апоптоза“ (Apoptosis), по „Батанија“ и „Горчливи бадеми“ (Bitter Almonds). Албумот, како и претходните два, го издаде „Мач прифр рекордс“, го продуцираа Тома Фуџивара и Роџевски, а го миксаше Бил Ласвел. Во импресивната екипа музичари предводена од Роџевски се Мери Халворсон (гитара), Крис Дејвис (пијано), Ингрид Лауброк (саксофон), Брајан Драј (тромбон), Мајкл Бланко (бас) и Тома Фуџивара (тапани).
Откако беше објавен на 25 мај, албумот добива одлични рецензии и во други влијателни музички медиуми.