Љубовната приказна од светскиот бестселер на Николас Спаркс, што стана и филмски хит со Рајан Гослинг и Рејчел Мекадамс, „Страници за нашата љубов“ (The Notebook), ќе биде адаптирана во мјузикл на Бродвеј.
Копродуцент ќе биде и авторот, кој го напиша романот во 1996 година. На мјузиклот работат и драматургот Бека Брунсетер, продуцентка на серијата на Ен-Би-Си „Ова сме ние“, како и инди-поп пејачката Ингрид Мајклсон.
„Од првиот ден, Ингрид и Бека имаат јасна визија за претставата и уште во оваа рана фаза се докажа дека имаат исклучително богата соработка“, соопштија продуцентите, без да објават детали кој ќе учествува во проектот.
Филмот со Гослинг и Мекадамс од 2004 година заработи 84 милиони долари во домашните кино сали и дополнителни 34,6 милиони на светско ниво.