Африканската дива Фатумата Дијавара на 5 јуни ќе настапи на 18. Офф фест, објави организаторот, Скопскиот џез фестивал.

Дијавара со гордост го почитува и негува богатото музичко наследство на Мали и воопшто Африка, но со сопствена визија за иднината, оригиналност, инвентивност и подготвеност за експериментирање. Нејзиниот спектакуларен деби албум „Fatou“ (2011) ја лансираше како една од најатрактивните и највозбудливи нови ѕвезди на африканското музичко небо.

„Вториот албум ‘Fenfe‘ (2018) само ги потврди нејзините несомнено високи уметнички, композиторски, пејачки и свиречки квалитети и го зацврсти статусот на една од најхаризматичните појави на африканската музика денес“, велат од СЏФ.

Таа има соработувано со некои од најзначајните имиња на современата музика, како Херби Хенкок, Боби Вумек, Пол Макартни, Дејмон Албарн, Роберто Фонсека, Амаду и Мариам и Уму Сангаре.