Реномираните филмски медиуми „Скрин интернешнал“, „Холивуд рипортер“ и „Индиваер“ објавија позитивни рецензии за македонскиот документарен филм „Медена земја“, во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Неговата премиера беше изминативе денови на најголемиот американски фестивал на независен филм Санденс, основан од легендарниот актер и режисер Роберт Редфорд. Фестивалот по 38. пат се одржува од 24 јануари до 3 февруари во Јута и „Медена земја“ беше прикажан во официјална програма со уште 11 филмови.
„Преку близок поглед на уметноста на чувањето пчели и една од нејзините последни одгледувачки, македонскиот документарец ги истражува традицијата, самотијата и врската помеѓу луѓето и природата“, стои во текстот на „Холивуд рипортер“.
„Медена земја“ ја пренесува приказната за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија.
Авторката во текстот пишува дека станува збор за исклучителен дебитантски документарец на Стефанов и Котеска, со незаборавен и интимен поглед на една загрозена традиција.
„Бев скептичен, но откако го гледав, се убедив дека гласините кои се ширеа на Санденс се вистинити. Овој документарец е совршен колку што еден документарец би можел да биде“, пишува филмскиот критичар Ентони Кауфман од „Скрин интернешнал“ .
За време на Санденс ќе има уште шест проекции, а премиерата во Скопје ќе биде на почетокот на март. Од продукцијата велат дека на официјалната веб-страница на филмот honeyland.earth е поставен линк за донација за децата од „Медена земја“.