Славните личности и инфлуенсерите кои заработуваат од рекламирање диети и режими за исхрана треба да ги затворат нивните профили на социјалните мрежи, вели директорот за национално здравје на Одделот за здравство и социјална грижа на Велика Британија.
Професорот Стивен Поус вели дека младите луѓе се „бомбардирани“ со слики, идеи и реклами кои проектираат недостижни облици на телото и животни стилови и оти за тоа влијание никој не сноси одговорност.
Тој предупредува дека половина девојки велат дека чувствуваат притисок да бидат послаби, а еден од четири испитаници вели дека изгледот му е најважен.
„Ѕвездите и медимуите кои промовираат производи како лаксативни чаеви, апчиња за диети и разни други решенија за слабеење ги земаат во свои раце животите на младите луѓе и затоа треба да се однесуваат поодговорно. Онлајн платформите треба да ги затворат профилите кои влијаат на ранливите млади луѓе и да ги забранат рекламите за производи кои влијаат на здравјето“, пишува Поус во писмото објавено во британските медиуми.