Македонскиот документарен филм „Медена земја“, во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, ја доби Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци на најголемиот американски фестивал на независен филм, Санденс.
Изутринава, на затворањето на 38. издание на фестивалот во Парк Сити, Јута, филмот доби уште две награди: Котевска и Стефанов ја примија Специјалната награда од жирито за влијание за промена, а снимателите Фејми Даут и Самир Љума – Специјална награда за камера.
„Што друго да се каже? Нашата мала земја е навистина желна да ја испрати оваа порака до Владата: ве молиме да го исчистите воздухот во најзагадената земја на светот“, рече продуцентот Атанас Георгиев при примањето на Главната награда на фестивалот, основан од легендарниот актер и режисер Роберт Редфорд.
„Медена земја“ е филм за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главната идеја на филмот е да се прикажат припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судирот на два различни начини на искористување на природните ресурси.
Продукцијата е на „Аполо медија“ на Стефанов и на „Трајс филмс“ на Атанас Георгиев. Музиката во филмот ја направи групата „Фолтин“. Екипата ја најавува премиерата во Скопје за почетокот на март.