ДУКОВСКИ И ПОПОВСКИ ГОСТУВААТ СО СРПСКО НАРОДНО ПОЗОРИШТЕ ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Српското народно позориште од Нови Сад вечерва (20 часот) гостува на големата сцена на Македонскиот народен театар со претставата „Духот кој оди (Патот на Прометеј)“, поставена според текстот на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски. Таа премиерно беше изведена во Нови Сад во септември 2015 година и е копродукција на Српско народно позориште и Центарот за развој на визуелна култура.

„Текстот е приказна за епопејата на главниот лик Мара, финансиски скршен шекспиролог во долгови ’до гуша‘, кој тргнува во ирационален поход против корумпираниот систем/општество. Режисерот Поповски создаде утописка мелодрама за можниот Хамлет, кој место да размислува, дејствува“, се вели во најавата на претставата.

Во претставата играат Ненад Пеќинар, Душан Јакишиќ, Милорад Капор, Игор Павловиќ, Страхиња Бојовиќ, Радоје Чупиќ, Јована Стипиќ, Гордана Ѓурѓевиќ-Димиќ, Алиса Лацко и Даница Грубачки. Сценографијата е дело на Таџисер Севинџ и Саша Сенковиќ, а костимограф е Марина Сремац.

„Духот кој оди (Патот на Прометеј)“ ја доби наградата за најдобра претстава на меѓународниот театарски фестивал „Скупи“ во 2015 година.