МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРА НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ НАЛЕТО НА МАКЕДОКС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Документарецот „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, кој триумфираше на најголемиот американски фестивал на независен филм Санденс, во Македонија премиерно ќе се прикаже на Фестивалот на креативен документарен филм Македокс, кој вообичаено се одржува во август. Претходно, на 12 и 13 март, филмот ќе има затворени проекции за медиумите.

Филмот за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија, на 3 февруари освои три награди на Санденс: Главната награда од жирито, Специјална награда од жирито за влијание за промена (Котевска и Стефанов) и Специјална награда за камера (Фејми Даут и Самир Љума).

Авторите на денешната прес-конференција рекоа дека првично тргнале да прават краток филм за заштита на животната средина во селата покрај реката Брегалница, но случајно ги запознале Атиџе и нејзината мајка. По подолг период на снимање, во филмот се вклучила уште една фамилија со тогаш седум, а денес осум деца.

Продуцентот Георгиев вели дека мајката на Атиџе починала додека се снимал филмот и оти е неверојатна животна коинциденција што по неколку години, на истиот ден се роди осмото дете на фамилијата и филмот премиерно се прикажа на Санденс.

„Работиме на тоа на Атиџе да ѝ обезбедиме пристоен дом, но тоа оди споро, бидејќи таму нема ни струја ни вода. Разговаравме и со социјален работник да обезбедиме школување за децата“, вели Георгиев.

Продукцијата на „Медена земја“ ја спроведува кампањата „Донирајте за децата на Медена земја“, преку која се собираат средства за школување на децата од филмот. За таа цел, на официјалната веб-страница honeyland.earth е поставен линк за донација.

Б. НЕСТОРОСКА