Вечерва во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во Скопје ќе биде промовирана книгата „Џиновска продавница за фантазии” од Бистра Георгиева. Книгата во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е илустрирана од Шпанката Моника Каретеро.
„Џиновска продавница за фантазии“ е книга за детската фантазија, која е сосема поинаква од онаа на возрасните: безгранична, нелогична, разиграна, смешна и максимално креативна. Главниот протагонист е Џинот, кој имал безброј фантазии, па решил да отвори продавница, за да може секој да ги купи оние што му недостигаат. Оваа сликовница се разликува и по својот џиновски формат.
Георгиева е дипломиран социолог, магистер по комуникации и има завршено филмски колеџ во Данска. Својата професионална кариера ја почна како волонтер во филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски, по што работеше на неколку филмски проекти. „Џиновска продавница за фантазии“ е нејзина втора книга за деца, по сликовницата „Ото, Ото и Ото“, исто така работена во соработка со Каретеро.