НОВ ВИД НА ДИНОСАУРУС СО ИЗГЛЕД НА КЕНГУР ОТКРИЕН ВО АВСТРАЛИЈА

Мелбурн, (Би-Би-Си)

Научниците идентифицирале нов вид на диносаурус, откако фосилизирани остатоци беа пронајдени долж брегот на Гипсленд, во австралиската сојузна држава Викторија. Наречен галеоносаурус дорисае, тој имал големина на денешен кенгур, не се хранел со месо и се верува дека живеел пред 125 милиони години на територијата меѓу Австралија и Антарктик. На него му било дадено вакво име затоа што според обликот, наликувал на галија.

Ова е втор вид на диносаурус што бил откриен во древните карпи југоисточно од Мелбурн и вкупно петти долж крајбрежјето на Викторија.

„Пред многу милиони години, оваа област била бујна шумска долина, со 4.000 километри долг синџир од вулкани кон исток. Тоа е загубен свет. Ништо од него не е видливо или достапно денес, освен фосили. Единственото место кадешто можеме да ги видиме тие фосили е долж јужниот брег на Викторија“, вели професорот по палеонтологија Метју Херн.

Тој и неговите колеги десет години внимателно ги анализирале фосилите пронајдени во оваа област и заклучиле дека овие диносауруси имале колкови налик на денешните птици, но сметаат дека овие две групи не се директно поврзани.