„МАРВЕЛ“ И „ДИЗНИ“ ШОКИРАНИ ОД ГОЛЕМИОТ УСПЕХ НА „КАПЕТАНКА МАРВЕЛ“

Њујорк, (АП)

„Капетанка Марвел“, првиот филм на „Марвел“ со суперхероина во главна улога, заработи 153 милиони долари во првиот викенд од прикажувањето во Северна Америка, односно 302 милиони на светско ниво, што неочекувано го направи еден од најуспешните блокбастери на сите времиња.

Керол Денверс, не така популарен лик што го игра оскаровката Бри Ларсон, дебитираше во стрип во 1968 година и досега не се појавил во ниту еден филм, па големиот успех го изненади и студиото „Дизни“.

„Таа дефинитивно нè турка повисоко, подалеку и побрзо“, изјави директорката на дистрибуцијата во „Дизни“, Кејтлин Таф.

Од филмовите на „Марвел“, единствено серијалот „Одмаздници“, „Блек Пантер“, „Капетан Америка: граѓанска војна“ и „Ајрон Мен 3“ имаа подобро отворање и ова истовремено е шестото најдобро деби на светско ниво досега. Од филмовите со жена во главна улога, подобра премиера имаше само „Војна на ѕвездите: силата се буди“, кој заработи 529 милиони долари во 2015 година.

Ова е силен старт на годината за „Дизни“, но најдоброто од студиото допрва доаѓа: „Одмаздници 4“, „Приказна за играчките 4“, новата верзија на „Кралот лав“ и последниот дел од „Војна на ѕвездите“.