НОВИОТ ФИЛМ НА ТАРАНТИНО ДОАЃА ВО МАКЕДОНИЈА НА 8 АВГУСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Очекувањата од „Беше еднаш во Холивуд“, новиот филм на Квентин Тарантино, се толку големи, што неговата премиера во Македонија е закажана речиси пет месеци однапред.

Синеплекс објави дека тој доаѓа во неговите кина на 8 август, две недели по светската премиера.

„Беше еднаш во Холивуд“ е деветти филм на двократниот оскаровец Тарантино и прв чиј продуцент не е Харви Вајнстин. Првиот краток трејлер беше објавен вчера. Во главните улоги се Бред Пит, Леонардо ДиКаприо и Марго Роби, но тие се само мал дел од ѕвездената актерска постава што ја собра Тарантино за филмот што се случува во Холивуд во 1969 година.

Иако сѐ уште нема официјална потврда, филмот за првпат би требало да се прикаже на 21 мај на Канскиот фестивал, каде што Тарантино триумфираше со „Евтини приказни“ пред точно 25 години, а во редовна кино дистрибуција тргнува на 26 јули.