Градовите низ светот вчера се придружија кон одбележувањето на Часот на Земјата и во 20.30 часот по локално време ги изгаснаа светлата, упатувајќи повик за глобална акција против климатските промени.
Со овој симболичен потег се повика на поголема свесност и на поштедлива употреба на ресурсите, особено фосилни горива, кои произведуваат јаглеродни гасови, што води кон глобално затоплување.
Почнувајќи од Сиднеј во 2007 година, Часот на Земјата во меѓувреме се прошири на повеќе од 180 земји.
Светлата на Ајфеловата кула синоќа беа изгаснати на еден час, исто како и на симболите на Лондон, Атина, Њујорк и Тајван, а во темно беше и најголемиот дел од Хонг Конг, на што се согласија повеќе од 3.000 локални корпорации.