КОМЕДИЈАТА „НЕЗАБОРАВНА ПРОЛЕТ ВО ЗАБОРАВЕНО СЕЛО“ НА КУШТРИМ БЕКТЕШИ ОД ДЕНЕСКА ИГРА ВО МИЛЕНИУМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Комедијата „Незаборавна пролет во заборавено село“, дебитантскиот филм на македонскиот режисер Куштрим Бектеши, кој е автор и на сценариото, од денеска игра во киното Милениум во Скопје. Бектеши, кој предава на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје, досега режираше повеќе театарски претстави. Проекциите почнуваат во 20 часот.

Филмот е во продукција на „Мануфактура“ (Македонија) со продуцентот Сашо Павловски, во копродукција со „Медиа и филм продукција“ (Косово), „Ска-ндал продукција“ (Албанија) и Скупи фестивал (Македонија), со продуцентите Музбајдин Ќамили и Осман Ахмети. Во филмот играат голем број актери од Македонија, Косово, Албанија и Бугарија, меѓу кои и Осман Ахмети, Адем Карага, Амернис Нокшиќи-Јовановска, Флора Кадриу и Блерим Дардишта. Премиерно беше прикажан на 29 март во Синеплекс, а светска премиера ќе има вон конкуренција за награди на Филмскиот фестивал во Москва (18-25 април).

Снимен е во селото Ѓономаљ во општина Корча (Албанија). Директор на фотографија е Алмир Џиколи, композитор Тримор Доми, монтажер Радован Петровиќ, сценограф Дурим Незири, костимографка Жаклина Крстевска, а дизајнер на звук Дарко Спасовски.

Во Милениум и Синеплекс од денеска игра и акционата авантура-фантазија „Хелбој“. Режисер е Нил Маршал, а играат Дејвид Харбор, Мила Јовович и Ијан Мекшејн.