Храна за жителите од јапонскиот град Минамисома, кој беше уништен од нуклеарната катастрофа во Фукушима во 2011 година, се доставува со дронови. На мештаните лани им беше дозволено да се вратат во своите домови, но доставата на намирници е ограничена.
Операторот на сервисот вели дека ова е првпат во Јапонија намирници да се доставуваат на овој начин.
Синџирот продавници „Лосон“, во соработка со фирмата за електронска трговија „Ракутен“, неделава почна со достава на храна со беспилотни летала во Минамисома, кадешто живеат постари лица.
„Во градот почнува полека да се враќа поранешниот живот. Најголем предизвик е да се подобри состојбата за да можат да се обезбедат продукти, неопходни за задоволување на дневните потреби, како што е храна“, вели Кен Мочимари, портпаролот на „Лосон“.
Сервисот со дронови е дизајниран да помогне. Муштериите можат да нарачаат топла храна и средства за домаќинството, кои се праќаат од најблискиот дуќан на „Лосон“. Компаниите ќе ја тестираат оваа услуга во наредните шест месеци. Дронот може да пренесе до два килограми продукти.
Oператорот „Лосон“ користи комбиња за достава низ цела Јапонија, главно, во рурални и планински региони и им помага на постари граѓани во урбаните средини.