Тимот на македонската претставничка на Евросонг 2019 Тамара Тодевска, денес објави видео во кое таа ѝ приредува изненадување на тетовката Нина Костовска, девојката со Даунов синдром која е дипломец на Тетовскиот универзитет, која јавноста ја запозна пред две години од кампањата „Биди фер за детство без пречки“ на Европската унија и УНИЦЕФ. Во видеото, Тодевска вели дека Нина е личност која докажува оти можеш сѐ да постигнеш во животот ако имаш голема желба.
„Јас сум многу горда на неа и затоа денес дојдов кај неа дома да ја изненадиме и заедно да ја отпееме ‘Горда’ (Proud)“, вели Тодевска, која на Евровизија во Израел ќе настапи со оваа песна.
Нина Костовска пред две години се појави во видеото „Како ќе реагирате ако ве служи фармацевтски техничар со Даунов Синдром?“ во кампањата на УНИЦЕФ, за која таа рече дека со задоволство прифатила бидејќи сака на сите луѓе да им покаже дека и лицата со пречки во развојот се способни и можат да проидонесат во општеството.
- НЕ СИ ГИ КРИЈТЕ ДЕЦАТА СО ДАУНОВ СИНДРОМ, ВЕЛИ НИНА, ДЕВОЈКАТА ОД КАМПАЊАТА НА УНИЦЕФ
- ЛЕКАРИТЕ МЕ ОТПИШАА, А ЈАС СЕГА ОБУЧУВАМ УЧИТЕЛКИ ДА РАБОТАТ СО ДЕЦА СО ПРЕЧКИ ВО РАЗВОЈОТ, ВЕЛИ НИНА ОД КАМПАЊАТА НА УНИЦЕФ
- МОЖЕМЕ МНОГУ ПОВЕЌЕ ОД ШТО СЕ МИСЛИ, ВЕЛИ НИНА КОСТОВСКА, ДЕВОЈКАТА СО ДАУНОВ СИНДРОМ КОЈА ДИПЛОМИРАШЕ
Во меѓувреме, Нина дипломираше на Државниот универзитет во Тетово на Катедрата за македонски јазик и книжевност, а за себе има кажано дека иако лекарите кога се родила на нејзините родители им рекле дека за неа нема лек и да ја отпишат, таа обучува наставнички и учителки како да постапуваат со деца со пречки во развојот, а пред два месеци од Владата најавија дека таа ќе биде ангажирана времено како библиотекарка во владината библиотека.