Долгоочекуваниот нов филм на Квентин Тарантино, „Беше еднаш во Холивуд“, сепак, ќе ја има светската премиера во Кан, објави фестивалот.
Се очекуваше филмот од старт да се најде во селекција за Златна палма, која беше објавена на 18 април, но уметничкиот директор на фестивалот Тјери Фремо тогаш рече дека тој сѐ уште се монтира. Освен Тарантино, во официјалната програма дополнително е додаден и новиот филм на Абдуллатиф Кешиш, „Мектуб, моја љубов: интермецо“.
„Бевме уплашени дека филмот нема да биде подготвен, но Тарантино беше навистина, навистина, навистина фокусиран да го заврши навреме, за да се прикаже во Кан. Тој четири месеци не излегол од собата за монтирање и филмот дефинитивно ќе биде во Кан“, изјави Фремо, споредувајќи го Тарантино со Орсон Велс и Мартин Скорсезе.
Чест гостин на Кан, кој доби Златна палма за „Евтини приказни“ и во 2004 беше претседател на жирито, Тарантино се придружува на листата славни режисери, како Педро Алмодовар, Теренс Малик и Кен Лоуч, кои ќе се борат за главната награда. Фестивалот ќе трае од 14 до 25 мај.