„ЛЕБЕДОВО ЕЗЕРО“ ВЕЧЕРВА СО ПРВЕНЦИТЕ НА ХОЛАНДСКИОТ НАЦИОНАЛЕН БАЛЕТ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Вечерва во 20 часот на 47.Мајски оперски вечери во Националната опера и балет (НОБ) ќе се изведе  „Лебедево езеро“ на Чајковски, единствената балетска претстава меѓу шесте опери на фестивалот. Главните улоги ќе ги играат првенците на Холандскиот национален балет, Маја Махатели од Грузија како Одета и Одилија и Артур Шестериков од Русија како пирнцот Зигфрид. Ротбарт ќе биде Давиде Буфоне од Италија. Ќе диригира Бисера Чадловска.

„Гостите се навистина ексклузивни. За Махатели можете да погледнете по сите социјални мрежи и да видите во каква голема експанзија е како уметник. Таа е доста барана во Европа и во светот и ние навистина сме радосни што една таква ѕвезда ни доаѓа кај нас токму на ова издание на Мајски оперски вечери“, вели Олга Панго, уметничка директорка на Балетот.

Кореографијата на класичниот балет, кој важи за еден од најтешките и најубавите во железниот репертоар е на Виктор Јаременко, сценографијата на Андреј Злобин , а костимите на Гана Ипатиева, сите од Украина. Националната првенка на Хрватска Ирена Пасариќ, како главен репетитор и педагог, работеше на подготовките и пробите на балетскиот ансамбл.