„Јапонија“ е насловот на изложбата фотографии од Дејан Колевски, која ќе се отвори вечерва во 20 часот во Галеријата на НЛБ банка.
Изложбата е составена од четириесетина уметнички фотографии, изработени во црно-бела и колор техника. Тие се направени во Јапонија, каде што Колевски престојувал во Токио, Јокохама, Осака, Кјото и Каназава во текот на мај 2016.
„Јапонија ја посетив како турист, без некоја однапред подготвена агенда. Јапонија е сосема поинаков свет од оној во кој живееме, а тоа се сфаќа брзо по пристигнувањето. Тоа е земја на контрасти, а споевите или судирите на традиционалното и модерното можат да се видат насекаде, од облеката до архитектурата“, вели Колевски.
Колевски се занимава со фотографија од 1998, член е на Фото сојузот на Македонија и е добитник на повеќе награди. Изложбата ќе трае до 28 мај.