Италијанскиот баритон Алберто Гаѕале вечерва (20 часот) ќе настапи во насловната улога во операта „Риголето“ од Верди, на 47. Мајски оперски вечери во Националната опера и балет (НОБ). Гаѕале бележи блескава кариера со репертоар кој вклучува над 70 улоги, а настапува во миланска Скала, виенска „Штац“ опера, Арена ди Верона, како и во повеќето престижни оперски куќи низ Европа.
Режијата е на Нина Најденова од Бугарија, ќе диригира Алесандро Д’Агостини (Италија), а во улогата на Џилда ќе настапи сопранот со префинета вокална техника Линда Кампанела од Италија. Таа е редовен гостин на најпрестижните меѓународни оперски куќи и предава вокална техника и интерпретација на Вокалната академија во Торино.
Во улогата на Војводата од Мантова ќе настапи Ифрим Космин од Романија, Владимир Саздовски е Спарафучил, а Ирена Кавкалевска е Мадалена. Сценографијата е на Живојин Трајановиќ, а костимите на Марија Пупучевска.