ТАРАНТИНО ГИ МОЛИ МЕДИУМИТЕ ДА НЕ ГО ОТКРИВААТ СЦЕНАРИОТО НА „БЕШЕ ЕДНАШ ВО ХОЛИВУД“

Кан, (АФП)

Режисерот Квентин Тарантино ги замоли филмските критичари да не откриваат детали од сценариото на неговиот нов филм, кој денеска премиерно треба да се прикаже на Канскиот фестивал. Тој ги замоли критичарите и новинарите кои ќе присуствуваат на проекцијата на „Беше еднаш во Холивуд“ да не им го упропастуваат  филмот на обожавателите.

„Го сакам филмот, вие го сакате филмот. Пресреќен сум што сум во Кан и можам да го споделам ‘Беше еднаш во Холивуд’ со фестивалската публика. Актерите и екипата работеа напорно за да создадат нешто оригинално и затоа ги замолувам сите да не откриваат детали кои ќе ја спречат останатата публика да го доживее филмот на истиот начин“, стои во писмото кое Тарантино го објави на Твитер.

Повикот на Тарантино следи еден месец откако браќата Русо, режисери на Марвеловиот блокбастер „Одмаздници: завршница“, ја замолија публиката да не објавува спојлери.

„Беше еднаш во Холивуд“ во последен момент влезе во програмата од 21 филм, кои се во трка за Златна палма, што Тарантино ја освои пред 25 години со „Евтини приказни“.