ТАРОН ЕЏЕРТОН НАВИСТИНА ПЕЕ ВО „РОКЕТМЕН“ – ФИЛМОТ ЗА ЕЛТОН ЏОН ОД 30 МАЈ ВО СИНЕПЛЕКС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Биографскиот филм за музичката легенда Елтон Џон, „Рокетмен“, од 30 мај ќе се прикажува во скопското кино Синеплекс. Дистрибутерите го најавуваат филмот како епска музичка фантазија за нецензурираната животна приказна на Елтон Џон, кого го игра Тарон Еџертон. Режисер е Декстер Флечер.

Дваесет и деветгодишниот Еџертон по премиерата во Кан минатата недела изјави дека се чувствувал привилегирано што може да го игра Џон, кој, пак, кажа дека бил трогнат од неговата глума. Флечер појасни дека филмот не е официјална биографија, туку изразување на личните сеќавања на Џон.

И додека Рами Малек не пее вистински во „Боемска рапсодија“, тоа не е случај со Еџертон во „Рокетмен“. Тој пораснал пеејќи во училиштен хор во Велс и потоа учествувал на неколку пејачки натпреварувања.

„Елтон беше воодушевен кога првпат го слушна Тарон како пее и рече: ‘Ова не е ништо послабо од мене‘. Тој, сепак, го посоветува Тарон да не го копира целосно“, изјави продуцентот и сопруг на Елтон Џон, Дејвид Фурниш.