НОВИОТ ТЕМАТСКИ ЗАБАВЕН ПАРК ВО СКОПЈЕ ЌЕ ГИ ЗАДОВОЛИ И ОНИЕ КОИ БАРААТ ПОВЕЌЕ АДРЕНАЛИН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Италијанската архитектонска фирма „Бауса“ денеска го презентираше проектот за тематски забавен парк во Градски парк во Скопје, што треба да биде завршен до средината на наредната година. Најавен како најголем во регионот, тој прво треба да биде одобрен од Советот на Град Скопје и доколку добие зелено светло, со подготовките ќе се почне уште во текот на следниот месец.

„Скопје не е голем град како Њујорк, па да има потреба од Дизниленд. Проектот што го подготвивме е соодветен за Македонија и прво тргнавме од тоа колкава посетеност би можел да има паркот. Нашите проекции се околу 300.000 посети годишно и тоа само од домашни луѓе, односно 3.000 на ден и 1.300 во еден момент. Така дојдовме до еден парк со големина од 26.000 квадратни метри“, објасни Франко Бараѕони, кој во името на „Бауса“ го презентираше проектот насловен „Светот“.

Бидејќи светските искуства кажуваат дека голем број луѓе само ги разгледуваат парковите и притоа се задржуваат по неколку часа, и забавниот парк во Скопје ќе има разни содржини и реквизити.

„Ние замисливме три области во паркот, детска, семејна и адреналинска, со тоа што првите две заедно зафаќаат 80% од просторот. Третата е за оние кои бараат поголема возбуда. Паркот ќе има 24 реквизити, кои тематски ќе бидат поделени по држави, па оттука и името ‘Светот‘. Секако, ќе има и паркинг, ресторани, продавници, тоалети, фонтани и театар со 200 седишта. Сè на сè, паркот треба да стане туристичка атракција“, вели Бараѕони, чија фирма веќе 42 години дизајнира вакви паркови.

Тој додаде дека при изградбата на паркот нема да се урива ниту еден објект од некогашниот луна парк, а ќе се зачуваат и сите дрвја и зелени површини.

Г. КОНЕВ