Вечерва во 20 часот, во Куршумли ан почнува второто издание на фестивалот на светлината „Скопје лајт арт дистрикт“, во организација на Универзалната сала. Фестивалот, кој лани се одржа во октомври, е замислен како надворешен фестивал со патека од Старата чаршија преку Кејот на Вардар сѐ до Градски парк.
Дваесет и пет уметници, уметнички здруженија и уметнички групи од земјата и странство од денеска до сабота, од 20 часот до полноќ, ќе ги изложуваат своите дела и ќе ги изведуваат своите претстави и перформанси.
„Со инсталации и настапи во многу бои и светлина, ‘Скопје лајт арт дистрикт‘ и реномираните светлосни уметници кои ќе бидат дел од него ќе ги претстават фантастичните и митски суштества и чудовишта кои магично излегуваат од крошните на дрвјата или се вешто скриени во некој дел од урбаната џунгла, светлечките дрвја, музичките перформанси, 3-Д проекциите и уште многу други светлосни атракции. Фестивалот ќе биде збогатен и со посебен дел за одмор, забава и дружење на посетителите, а тие ќе имаат можност да присуствуваат и на првиот 3-Д мапинг натпревар, на кој уметници од земјата и од странство ќе се натпреваруваат за фестивалското гран при, наградата ‘Златко Славенски’“, најавува организаторот.
Посетителите ќе можат преку мобилна апликација и мапата на сајтот www.skopjelightartdistrict.com да ги откриваат поставките преку предодредена патека, која ќе ги одведе до самиот финиш, во Градски парк.