ПАРИЗ ДОБИ ОГРОМНО БИОРАЗГРАДЛИВО УМЕТНИЧКО ДЕЛО ВО ПОДНОЖЈЕТО НА АЈФЕЛОВА КУЛА

Париз, (Би-Би-Си)

Огромно уметничко дело кое прикажува синџир од раце што се држат за зглобови и официјално ќе биде отворенo денеска во подножјето на Ајфелова кула во Париз.

Станува збор за дело на францускиот уличен уметник Сајп и вистински ќе може да се види само од воздух, поточно од врвот на кулата. Долго е повеќе од 600 метри и се протега долж тревникот во паркот Шан де Мар.

Сајп, чие вистинско име е Гијом Легро, се специјализираше за правење на огромни биоразградливи слики налик на графити и тие најчесто се појавуваат на падини на планини или во паркови, но траат само неколку дена.

Гијом Легро-Сајп се специјализираше за правење на огромни биоразградливи слики налик на графити

Неговото најново дело наречено „Зад ѕидови“ е посветено на хуманитарната организација „СОС Медитеран“, која спасува мигранти во Средоземното Море, кога се обидуваат да стигнат од Африка до Европа. Според проценките на Обединетите нации, во просек шест мигранти дневно умираа минатата година во водите на Морето.

Ова е почеток на тригодишен проект на Сајп, кој планира ова дело да го повтори во 20 други поголеми градови низ светот, како Берлин, Лондон, Најроби и Буенос Аирес.

Фото: АФП