„Браво за оркестарот на Филхармонијата“, „музиката на нашето детство“, „музиката со која пораснавме“, ова се коментарите на публиката по синоќешниот концерт „Ну Погоди“ во Градски парк.
Музичарите, придружувани од специјални видеопроекции, ги свиреа темите од култните цртани филмови од земјите од источниот блок, кои го обележаа детството на генерациите од 1970-ите и 1980-ите години.
Во аранжмани на Владимир Николов и под диригентство на Џијан Емин, деца, тинејџери и возрасни уживаа во темите од „Балтазар“, „Ну Погоди“, „Как Казаки“, „Козле Бозле“, „Густав“, „Балтазар“, „Мечето Ушко“… На вториот бис, публиката со овации ја поздрави темата од „Пинк пантер“.
„Ова беше најкомплексниот проект на кој имам работено досега. Порано имавме само два ТВ-канала. Пред вестите се пушташе еден цртан филм, ако дадеа уште еден, бевме пресреќни. Ќе завршиме со ‘Мечето Ушко’, сите на миење заби и во кревет“, се пошегува Емин.
Покрај Филхармонијата, настапи и бенд во состав Зоран Костадиновски – гитара, Иван Бејков – бас, Гордан Спасовски – клавијатури и Гоце Стевковски – тапани, како и членови на хорот „ПроАрс“.
Филхармонијата го организираше концертот во соработка со Младински културен центар и Град Скопје, а веќе в сабота е концертот„Љубов и револуција“, кога ќе свират панк, поп и рок хитови.
А. АНТЕВСКА
Фото: К. ПОПОВ