Како на концерт на светска рок, поп или панк ѕвезда наликуваше синоќа Градскиот парк, на концертот на Филхармонијата „Љубов и револуција“.
Илјадната публика се изнаигра, изнаскока и уживаше во хитовите на сите генерации, од култни бендови и автори како Рејдиохед“, Ник Кејв, „Бисти бојс“, „Продиџи“, „Нирвана“, Дејвид Боуви, „Секс пистолс“, „Клеш“, Џими Хендрикс, „Пинк флојд“, „Рамштајн“.
Весел и духовит, диригентот Џијан Емин, кој и ги направи аранжманите на песните, постојано го поздравуваше „најголемиот бенд во градот“. Со Хорот диригираше Сашо Татарчевски кој е и носител на проектот.
„Одлична журка“, „Големо браво за Џијан Емин, за Александар Поп Христов (гитара), Зоран Костадиновски (гитара), Иван Бејков (бас), Гоце Стевковски (тапани), за целата Филхармонија“, „Ја живнавте културата во Скопје“ коментираше публиката по концертот.
И синоќешниот концерт и тој од изминатата недела „Ну погоди “се реализираа во соработка со Младинскиот културен центар (МКЦ) и Град Скопје.
Б. НЕСТОРОСКА