Оскаровецот Рами Малек откри дека поставил два услова за да ја прифати улогата на негативец во новиот филм за Џејмс Бонд: дека ликот нема да биде терорист од арапските земји, ниту, пак, ќе ја користи религијата како оправдување за неговиот криминал.
„Имам прекрасен лик и многу сум возбуден. Но, тоа беше нешто за што разговарав со режисерот Фукунага. Му реков: ‘Не можеме да го идентификуваме со каков било акт на тероризам кој ќе се повикува на идеологија или религија. Јас не би работел такво нешто и ако ме викнавте поради тоа, веднаш може да ме исклучите’. Но, очигледно беше дека тоа не е неговата визија. Така што, играм доста поинаков терорист“, изјави Малек во интервју за „Мирор“.
Ѕвездата на „Боемска рапсодија“, кој е роден во Лос Анџелес во семејство на имигранти од Каиро, вели дека одлуката ја донел врз основа на неговата етничка позадина и неговата свесност за важноста на позитивно претставување.
„Јас сум Египќанец. Пораснав слушајќи египетска музика, го обожавав Омар Шариф. Се чувствувам многу близок до таа култура и до луѓето кои живеат таму“, рече тој.
Дваесет и петтиот филм за Бонд моментално се снима во Лондон, а премиерата е најавена за април 2020.