ОД УТРЕ ЛЕТЕН ФЕСТИВАЛ ВО СКОПСКИОТ ГРАДСКИ ПАРК СО КОНЦЕРТИ И КИНО НА ОТВОРЕНО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од утре до 28 јули, во Градски парк во Скопје за првпат ќе се одржува летниот фестивал „Summerland“, на кој ќе настапуваат групи и диџеи. Покрај музички настани, кои ќе се одржуваат секој ден, во склоп на фестивалот ќе има и забавна зона со друштвени и видеоигри, флипери, фудбалчиња и табла.

„За најмладите ќе има детско катче со едукативни и забавни настани, а предвидени се и изложби, цртање во живо, часови по танц, спортски активности, панел дискусии, кино на отворено и уште многу содржини кои ќе го направат летото во Скопје незаборавно“, велат од Град Скопје, кој го организира фестивалот.

Летниот фестивал ќе се одржува на „Школка“, а ќе започне утре со концерт на „Нокаут“. Викенди се резервирани за настапи на трибјут бендови, што ќе вклучи музика на „ЕКВ“, „Бијело дугме“, Ѓорѓе Балашевиќ, „Арктик манкис“, Џо Кокер, „Ајрон мејдн“, „Металика“…