ЕЛВИС ПРИСЛИ СТОИ КОГА Е ЦРВЕНО, А ТАНЦУВА НА ЗЕЛЕНО НА СЕМАФОРИ ВО ГЕРМАНИЈА

Берлин, (ДПА)

„Кралот на рокенролот“ го регулира движењето на пешаците во германскиот град Бад Наухајм, откако беа инсталирани нови семафори со силуета на Елвис Присли. Кога е црвено светло за пешаци, Присли стои со една рака испружена, а кога е зелено, се чини како да тргнува напред.

Бад Наухајм сака да го одржува жив споменот на легендарниот американски музичар, бидејќи тој живеел таму и во соседниот град Фридберг во периодот од октомври 1958 до март 1960.

Семафорите во Бад Наухајм

Двата града постојано се во натпревар околу тоа „чиј“ е Елвис, па и Фридберг во декември постави неколку слични сообраќајни знаци. Во Фридберг, Елвис стои исправено пред микрофон кога е црвено светлото, а кога е зелено, ја има неговата препознатлива танцувачка поза.

Градоначалникот на Бад Наухајм Клаус Крес вели дека не станува збор за никакви кавги помеѓу двата града, туку дека постојано се поддржуваат едни со други.