ПЕТ ПРВИ НАГРАДИ ЗА ШТИПСКИ „ЕУРОАРТ“ НА МЕЃУНАРОДЕН ФОЛКЛОРЕН ФЕСТИВАЛ ВО БУГАРИЈА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Во конкуренција на 3.000 учесници од дваесетина европски земји, здружението за едукација и култура „Еуроарт“ од Штип и неговиот вокално-инструментален оркестар „Орнаменти“ беа прогласени за најдобри на меѓународниот фолклорен фестивал „Пауталија 2019“, кој вчера заврши во Ќустендил, Бугарија.

„Освоивме две први награди за кореографски перформанси, потоа две први награди за инструментални изведби, а прва награда освои и оркестарот ‘Орнаменти‘, кој, исто така, работи во рамките на академијата ‘Еуроарт’“, вели Верица Милорадова од „Еуроарт“.

Ова не е прв ваков успех за „Еуроарт“, кое за три години колку што постои има освоено први награди и на други меѓународни фестивали на коишто учествувало.

За кратко време „Еуроарт“ создаде база на млади членови од сите возрасти, полуматуранти, средношколци и студенти, а соработува и со основните училишта во Штип, кадешто се одржуваат разни едукации од областа на фолклорот, културата и книжевноста. Во тек е награден конкурс за проза и поезија.

Т. ЈОВАНОВСКИ