Двете најпознати брачни двојки на планетата, Бијонсе и Џеј-Зи и принцот Хари и Меган Маркл, синоќа се запознаа на европската премиера на филмот „Кралот лав“ во Лондон. Војводата и војвотката од Сасекс беа специјални гости на портокаловиот килим за премиерата, но британските медиуми коментираат дека Бијонсе, или Квин Би, била ѕвезда на вечерта.
Бијонсе го позајмува гласот на лавицата Нала, а ја испеа и носечката нумера во филмот, за која се надева дека може да освои и Оскар.
Во фотореалистичниот анимиран римејк на филмот на „Дизни“ од 1994 година гласовите ги позајмија и Доналд Гловер, Сет Роген и Чиветел Еџиофор, а песни имаат и сер Елтон Џон и Фарел Вилијамс.
„Кралот лав“ од среда ќе игра и во скопските кино Синеплекс и Милениум.