Актерката од Турски театар, Филиз Ахмет, која се стекна со голема популарност со високобуџетната турска серија „Величествениот“, по подолго отсуство од матичниот театар, вечерва ќе игра во премиерата на „Бог на масакрот“.
„Среќна сум што по подолг период сум во мојата куќа и што сум меѓу моите блиски колеги“, вели Ахмет.
Таа ја играше Нигар Калфа во светски популарната серија, која се снимаше во Истанбул.
Претставата „Бог на масакрот“ од француската писателка Јасмина Реза, во режија на Билге Емин, е последната претстава на Турски театар за оваа сезона. Премиерно се игра вечерва од 20 часот на сцената на Театар Комедија, кадешто е сместен ансамблот на Турски театар изминативе години.
„Бог на масакрот“ е еден од најпоставуваните текстови во светот и кај нас, според кој и режисерот Роман Полански го сними филмот од 2011.
Играат Сузан Акбелге, Филиз Ахмет, Џенап Самет и Селпин Керим. Сценографијата е на Татјана Блажевска-Христоска, а костимите на Марија Пупучевска.
Б. НЕСТОРОСКА