ФРАНЦУЗИН ПЛИВА НИЗ ГОЛЕМАТА ПАЦИФИЧКА ДЕПОНИЈА ЗА ДА УКАЖЕ НА ПРОБЛЕМОТ НА ЗАГАДУВАЊЕТО СО ПЛАСТИКА

Сан Франциско, (Гардијан)

Бен Лекомт го поминува летото пливајќи во ѓубре – буквално. Досега, тој има пронајдено четки за заби, корпи за алишта, лопатки за песок и гајби од пиво додека пливаше во отворените води на Тихи Океан.

Педесет и двегодишниот Французин плива од Хаваи до Сан Франциско, и тоа преку таканаречената Голема пацифичка депонија, за полесно да разбере како пластиката влијае на океаните. Тој вкупно треба да преплива 555 километри.

Лекомт и неговиот тим на својата авантура често налетуваат на отфрлени рибарски мрежи

Големата пацифичка депонија е „дом“ на најголемата концентрација на пластичен отпад на светот. Низ неа годишно поминуваат 300 милиони тони пластичен отпад, од кои осум милиони завршуваат во океаните.

Откако ја почна авантурата на 14 јуни, придружуван од морнари, научници и пишувачи, Лекомт сешто има пронајдено, од детски играчки до отфрлени рибарски мрежи. Еден член на тимот дури пронашол мало парче пластика во својата вечера кога отворил риба.

Осмислена како авантуристичко-научна експедиција, ова е првпат некој да се решил на вакво препливување.

„Голема пацифичка депонија не е никаков остров од ѓубре, туку е како подводен смог од микропластика“, вели Лекомт.

Додека тој плива, остатокот од екипажот секој ден собира илјадници примероци пластика.

„Нашата цел е да пристигнеме во Калифорнија со првата транспацифичка база на податоци за загадувањето со пластика и потоа да вклучиме што е можно повеќе луѓе во решавањето на проблемот“, додава Лекомт.