„БИСЕРОТ НА АВСТРИЈА“ ИМА 800 ЖИТЕЛИ, А ГОДИШНО ГО ПОСЕТУВААТ МИЛИОН ТУРИСТИ

Виена, (Би-Би-Си)

Халштат во австриските Алпи е толку убав град што туристи не престануваат да го посетуваат. Овој град, кој се наоѓа на листата на светско културно наследство на УНЕСКО, има само 800 жители, а годишно во него доаѓаат еден милион туристи, чија бројка драстично порасна во изминатите десет години.

Халштат е особено популарен меѓу Кинези. Всушност, тој е толку популарен што во 2012 година беше изградена кинеска реплика на Халштат, сосе црквата и централниот плоштад.

Но, иако туризмот ѝ дава голем поттик на локалната економија, не сите жители се среќни со ваков наплив на гости.

Благодарение на огромната бројка на туристи, градот стана финансиски независен. Ние бевме место од кадешто луѓето заминуваа, но тоа е променето. Сега можеме да развиваме наши сопствени проекти и да им понудиме многу нешта на нашите жители“, изјави градоначалникот Александер Шојц.

Сепак, поради честите поплаки од локални жители, Халштат планира да ја намали бројката на туристички автобуси во градот.

Познат како „бисер на Австрија“, Халштат важи за најубав езерски град во земјата и за едно од најстарите постојано населени места во Европа. Потребни се половина час за да се прошета од еден до друг крај на градот.