НЕ СВИРИМЕ ЧЕСТО ЗАЕДНО, НО СЕКОЈ НАШ КОНЦЕРТ Е ЕКСКЛУЗИВЕН – СТЕФАНОВСКИ И ТАДИЌ ВЕЧЕРВА НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Фестивалот Охридско лето денеска ќе прослави 59 години постоење со концерт на гитарските мајстори Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ од Србија, што ќе се одржи во Антички театар со почеток во 21 часот.

„Сум растел заедно со овој фестивал, сум бил многу често во Охрид кога се случувал фестивалот, сум доаѓал од Скопје за да го гледам Рави Шанкар пред 30 години. Исто така, сум учествувал на фестивалот и знам колку е тешко да се организира еден ваков обемен фестивал со многу учесници и гости, сместувања, тонски проби, простори, озвучувања, публика, столчиња, дождови, ветрови, сонца. Тоа што настапувам во Охрид секогаш ми е и предизвик и задоволство и привилегија. Верувам дека ќе има доволно апетит за овој наш концерт што го свириме со Мирослав Тадиќ. Оваа наша одисеја со Мирослав трае цели 22 години. Почна во Крушево во 1997 година и трае до денес. Ние не свириме многу, но секој наш концерт е ексклузивен“, рече Стефановски на вчерашниот прес.

Тадиќ кажа дека иако веќе четири децении живее во САД, сепак, неговата уметничка татковина е Македонија.

„Посебно ми е драго што сум повторно во Македонија. Роден сум во Југославија, заминав во САД пред 40 години и таму станав некаков Американец, но мојата уметничка татковина е Македонија. Веќе 40 години откако заминав на студии во САД и таму станав професор, најмногу се занимавам со македонска музика. Таа за мене е голема инспирација, голем извор на интересен музички материјал и можам да се пофалам дека генерации студенти од цел свет кои преку мене ја открија македонската музика, многу добро владеат со комплексните македонски ритми и со прекрасните мелодии и хармонии“, рече Тадиќ.

Охридско лето почна во 1961 со концертот на првенката на македонската Опера Ана Липша-Тофовиќ во „Света Софија“.

Д. ЧУБРИЌ