МУЗИЧКА ВЕЧЕР НА ОХРИДСКО ЛЕТО ВО ЧЕСТ НА 85 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ТОМИСЛАВ ЗОГРАФСКИ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

На фестивалот Охридско лето, вечерва (21 часот) во „Св. Софија“ ќе се одржи концерт посветен на јубилејот 85 години од раѓањето на композиторот Томислав Зографски.

Ќе учествуваат реномираните македонски уметници, пијанистите Марија Ѓошевска, Елена Атанасовска-Илиевска, Марија Вршкова и Даница Стојанова, Марјан Милошевски на фагот, Ристо Ѓоревски на кларинет, флејтистката Билјана Камчева и гудачкиот квартет „Зографски“.

„Зографски е еден од основоположниците на македонската композиторска школа и автор на повеќе од 150 дела. Тој претставува значајна алка во создавањето на современиот македонски композиторски израз, не само поради неговиот личен опус, туку и поради влијанието кое го имал во создавањето на нови млади композитори преку педагошката дејност на Факултетот за музичка уметност, каде беше декан и продекан“, велат од Охридско лето.

Неговите дела се изведувани во САД, Русија, Јужна Америка, Мексико, Австралија, Нов Зеланд, низ цела Европа, како и во сите центри на поранешна Југославија. Дел од неговото творештво се наоѓа во библиотеките на престижни музички образовни институции во Полска, Германија, Казахстан, Русија, Швајцарија, Србија и Кина.