Уметникот Новица Трајковски синоќа во Ликовниот салон во Велес ја отвори својата изложба „Божествен премин“. Како мотив во 30-ина изложени дела, изработени во масло на платно и масло на дрво, тој ги користи старите мостови од Македонија.
„Мостовите не се само тие видливите за нашето око кои претставуваат премин од едно кон друго место. Постојат и мостови видливи за други сетила кои се премин од едно во друго време, од едно во друго размислување, верба, љубов“, рече Елица Николова, кустос историчар од Народниот музеј во Велес.
Во делата на Трајковски присутните можеа да ги препознаат старите мостови во Кратово, Богомила, Тетово, Скопје, Бучин во Крушевско…
„Изложбата е Македонија во мало. Целата моја инспирација е мојата земја. Сè што работиме е премин. Од самото раѓање сè натаму е премин. Патувањата и соништата се исто така премини и за нас, сликарите, тие се неисцрпна инспирација“, кажа Трајковски.
Трајковски завршил средно уметничко и Ликовна академија во Скопје во класата на професорите Родољуб Анастасов и Димитар Кондовски. Имал над 40 самостојни изложби во земјава и во странство.
П. ПЕЧКОВ