Најновиот предизвик од реномираниот словенечки режисер Томи Јанежич, „Сѐ уште без наслов“, претстава која трае повеќе од десет часа, денеска е на програмата на 44. Млад отворен театар (МОТ). Претставата во продукција на Словенско младинско гледалишче ќе се игра од 11 часот во Младински културен центар (МКЦ), а билетите се распродадени.
„Oд скопската публика очекувам да воспоставиме добра релација и со оваа претстава. На досегашните изведби реакциите на публиката се прекрасни и многу лични. А, скопската публика ми е во добро сеќавање уште од ‘Три сестри’ и ‘Галеб’, верувам дека со задоволство и сега ќе го поминеме тој процес. Инаку, ‘Сѐ уште без наслов’ беше долг процес на работа од една и пол година. Со целата екипа сме креативно и човечки поврзани и секоја средба кога претставата е на репертоар, а тоа е еднаш месечно, е мошне радосно искуство, независно колку биле тешки темите. Со Младинско повторно соработувам по пауза од 10 години и оваа претстава ја доживувам како враќање дома“, ни рече режисерот Јанежич.
Утре од 20 часот во Театар Комедија е претставата на Турски театар од Скопје, „Три сестри“ од Чехов, во режија на Васил Христов.
Програмата продолжува во 22 часот во Кино Култура со перформансот на Валентино Апостоловски „Дримстејт“, а по него е кореографскиот проект „Мунлајт“.