„ЏОКЕР“ СО ХОАКИН ФЕНИКС ОД ДЕНЕСКА ВО КИНАТА СИНЕПЛЕКС И МИЛЕНИУМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Големиот фаворит на претстојните Оскари „Џокер“ од денеска е на репертоарот на скопските кина Синеплекс и Милениум.

По Џек Николсон, Хит Леџер и Џеред Лето, Хоакин Феникс ја наследува улогата на озлогласениот противник на Бетмен, но ова е прв филм кој ја открива приказната за неговото настанување, односно трансформацијата од неуспешниот комичар Артур Флек. Во режија на Тод Филипс, досега познат само по комедии, „Џокер“ неодамна го освои Златниот лав во Венеција, каде што имаше светска премиера.

Подготвувајќи се за улогата, Феникс изгубил 23 килограми оти Филипс сметал дека Артур Флек треба да биде многу слаб. Тој слабеел внимателно, под контрола на лекари, но вели дека, сепак, развил пореметување.

Еднаш кога ќе ја достигнеш потребната тежина, сѐ се менува. Се будиш и стануваш опседнат да не ја надминеш за 100 грама. Развиваш пореметување и тоа е лудо. Сепак, физички се чувствував многу подобро од очекуваното“, изјави Феникс.

Кината во САД планираат построги безбедносни мерки за премиерата на филмот, со цел да се спречат евентуални насилни инциденти.