„ИМПУЛС#ВОЛУМЕН13“ ЗА СТАРТ НА НОВАТА СЕЗОНА НА СКОПЈЕ ТАНЦОВ ТЕАТАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Скопје танцов театар вечерва ја отвора својата сезона 2019/20 со претставата „Импулс#волумен13“, која ќе се изведе во 20 часот во Музејот на современа уметност. Претставата е составена од повеќе делови, според концепт и кореографија на Адријана Данчевска, Дејан Битровски и Рисима Рисимкин.

Во првиот дел, „Импулс#волумен13/1“ ќе настапат танчарите Бобан Русески, Исидора Краљевска, Борис Богдановски и Дамла Пинар Башар, кореографијата е на Рисимкин, музиката на Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски, а просторот визуелно го осмисли Матеа Мијановиќ.

Вториот дел „Импулс#волумен13/2“ е во кореографија на Битровски, а настапува Анастасија Данчевска, додека „Импулс#волумен13/3“ е во кореографија на Адријана Данчевска, а просторот визуелно го осмисли Ивана Мојсовска. Во овој дел настапуваат Сара Цветковска, Анастасија Данчевска, Јована Зајкова и Тереза Лазарев.

„Со оваа претстава Скопје танцов театар најавува богата сезона, со нови оригинални продукции, гостувања на кореографи од странство, како и повеќе гостувања со тие продукции“, вели Рисимкин.