Квентин Тарантино одбива да го измени неговиот нов филм „Беше еднаш во Холивуд“ за кинескиот пазар. Од таа причина, Националната филмска администрација на Кина објави дека филмот нема да се прикажува во тамошните кина, и тоа на барање на ќерката на Брус Ли.
Шенон Ли е гласен критичар на тоа како нејзиниот татко е прикажан во филмот, односно, како што вели таа, како „арогантен идиот“. Таа побара од Тарантино да направи промени во филмот.
Тарантино уште по премиерата кажа дека си стои на ставот како ја претставил боречката легенда.
„Брус Ли на некој начин бил арогантен тип. Не измислив ништо од тоа, сѐ што има во филмот е преземено од биографијата на неговата сопруга Линда“, рече Тарантино.
Филмот во Кина требаше да игра од 25 октомври, но тоа е одложено на неодредено време. Досега ниту еден филм на Тарантино немал кинодистрибуција во Кина.