Во исто време, од задутре, новиот филм на режисерот Милчо Манчевски, „Врба“, ќе почне да се прикажува во кината во Скопје, Битола, Охрид и во Штип. Во Синеплекс почнува да игра од 19.30, а во Милениум од 20 часот. Гала премиерата со протокол, екипа и медиуми е најавена за 20.30 часот во Филхармонијата.
Манчевски, продуцентот Јане Ќортошев и дел од екипата денеска зборуваа за снимањето на филмот, ликовите, како и за тремата и големите очекувања. Шестиот филм на најнаградуваниот македонски филмски автор имаше светска премиера на 19 октомври на 14. Филмски фестивал во Рим и доби одлични реакции од критичарите, публиката и светските медиуми.
Манчевски откри дека постои машка и женска верзија на филмот, кои се 95% исти, но, сепак, различни и двете функционираат на свој особен начин.
„Секоја е убава на свој начин и наместо да одлучиме една да фрлиме, решивме ѝ двете да ги понудиме на публиката. Машката ќе се прикажува во Милениум, а женската во Синеплекс. Ист е филмот, мала е разликата. Некој сака да каже, еве Сара на пример, дека филмот е феминистички. Не е женски филм, ова е филм за луѓе. Некои луѓе се жени, некои се мажи. Маките, радостите, копнежите, болките се исти. Ситуациите можат да бидат различни. Разликата е во тоа што машката верзија е подинамична и пократка за 15 минути, а женската е подлабока“, рече Манчевски.
Екипата низ смеа кажа дека не смеат да откријат која верзија ја гледала публиката во Рим, а која ќе се прикаже во Филхармонија.
Главните улоги ги играат младите актери Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Ненад Нацев, покрај Камка Тоциновски, Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.
Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, костимите се на Жаклина Крстевска и Унгарката Ѓерѓи Сакач, а асистент на режија е Никола Ивановиќ од Србија. Извршен продуцент е Ник Пауел од Велика Британија, коосновачот на „Вирџин рекордс“ заедно со Ричард Бренсон. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.
Б. НЕСТОРОСКА