Режисерот Борјан Зафировски деновиве во студиото на „Фх3х“ во Скопје привршува со снимање на првиот долгометражен игран филм „Ефектот на среќа“. Зафировски го пишувал сценариото со драматургот Дејан Дуковски, а продуцент е „Ново македонско видео“ на Сашо Пешев.
Зафировски во 2012 година беше дел од 11-темина режисери, кои снимија кратки филмови за омнибусот „Скопје ремикс“.
Филмот е поддржан со 260 илјади евра од Агенцијата за филм на Македонија, а копродуценти се „Њу момент“, „Видео хаус анимејшн“, Национален центар за филм на Албанија и Центарот за филм на Косово.
Зафировски на денешниот сет, на кој се снимаа сцени со главните ликови Дејана Попоска и Сашко Коцев, рече дека почетна точка за филмот му била книгата на Гете „Страдањата на младиот Вертер“.
„Книгата е позната по тоа дека предизвикала Вертер-ефект, негативен домино ефект во некоја уметност. Кога била објавена книгата, во некои земји бројот на самоубиства пораснал за 30 отсто. Размислував дека ако постои нешто во уметноста како Вертер-ефект, тогаш мора да постои нешто спротивно, некоја позитивна уметност која создава позитивен домино ефект. Јас тој ефект го нареков хепинес ефект и тоа е главната тема, филмот се занимава со психологијата на позитивно размислување. На главниот лик, Леа, и остануваат уште неколку месеци живот и одлучува да се лекува со алтернативни методи кои вклучуваат и позитивен мисловен процес. Идејата е дека мислата и зборот можат да променат многу работи“, вели Зафировски.
Леа ја игра 20-годишната Дејана Попоска, студентка на трета година на драматургија на Нова Сорбона во Франција и втора година на актерска игра на Конзерваториумот „Жорж Бизе“.
Во филмот, Леа е студентка по психологија, која кога ќе дознае дека е болна и нема многу време, одлучува да го промени својот живот и преку своите позитивност и отвореност, да им помогне и себеси и на својата генерација.
„Леа е промената во секој од нас, може да се гледа и како движење на цела генерација“, додаде Попоска.
Во филмот играат и Ана Стојановска, Сара Анастасовска, Петар Арсовски, Јовица Михајловски и Мими Таневска. Снимател е Димо Попов.
Продуцентот Пешев рече дека снимаат веќе 20-ина дена, од кои три во Охрид, а во Скопје им остануваат уште осум дена снимање.
Филмот се планира да биде готов напролет и, како што рече Пешев, планираат да конкурираат на фестивалите од А-категорија.
Б. НЕСТОРОСКА