Дејвид Бекам и актерите Мили Боби Браун и Хју Џекмен се меѓу ѕвездите и светските лидери, кои се најавени како учесници и официјални поддржувачи на „Светскиот ден на децата“ на УНИЦЕФ, што се одбележува на 20 ноември.

Организацијата објави дека на овој ден ќе се одржат настани за децата низ цел свет, вклучувајќи ја и средбата со генералниот секретар Антонио Гутереш во седиштето на Обединети нации во Њујорк.

Во Шпанија, деца ќе им се придружат на Лео Меси и на неговите соиграчи на тренинг на Барселона, додека во Индија, 22 деца атлетичари ќе имаат шанса да заиграат со легендарниот крикет играч Сачин Тендулкар.

Мили Боби Браун, младата ѕвезда на хит-серијата „Почудни нешта“, ќе отвори манифестација во Австралија, додека Џекмен ќе се јави преку видеолинк на настан, на којшто ќе се собираат средства за обезбедување чиста вода за тие на кои им е потребна. Бекам, кој е и амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ, ќе се појави во краток филм со деца.

Специјални настани се предвидени и во Женева, Копенхаген и Акра, а над 50 компании, како што е „Лего“, ќе им овозможат на децата тој ден кај нив да бидат во центарот на вниманието.