Традиционално, во Велес седми пат започна ноемвриското дружење мовембар. Неформалната група млади велешани, која еден месец во годината ја подига свеста за машкото здравје, и овој ноември ги започна своите активности со свеченото забричување во „Паб“.
„И овој ноември, преку различни активности се дружиме, забавуваме и, пред сѐ, бориме со предрасудите за рано откривање на таканаречени машки болести – рак на тестиси и рак на простата. Со оваа наша акција и со купување маичка мовембар, донираме, градиме стил, поддржуваме и ги поттикнуваме мажите да бидат свесни за поздрави начини на живот. Односно, ја менуваме сликата и ги тргаме предрасудите поврзани со машкото здравје“, вели Ѓорги Нанов, еден од организаторите на велешкото движење Мовембар.
Тие за својот ангажман имаат добиено Деветтоноемвриска благодарница од градот.
Собраните средства ќе бидат донирани на сограѓанин на кој му се потребни за лекување. На крајот од месецот, на завршната забава, односно симпозиум, ќе бидат избрани најмустаќ и мустаќ во обид.
П. ПЕЧКОВ