САКАМ ДА ГО ИГРАМ ТОА ШТО ЌЕ ДОЈДЕ НАКАЈ МЕНЕ, ВЕЛИ ГАБРИЕЛА ПЕТРУШЕВСКА ЗА ПРВАТА ПРЕТСТАВА ВО НОВИОТ МАТИЧЕН ТЕАТАР МНТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Најкратки драми на светот“ е насловот на новата претстава на Македонскиот народен театар (МНТ), која премиерно ќе се изведе на 25 ноември на Малата сцена, во режија на актерот Трајче Ѓоргиев. Ќе бидат поставени десет драми избрани од истоименета антологија, објавена пред 20 години од познатиот српски театролог Јован Ќирилов.

Во претставата играат петмина актери: Снежана Конеска-Руси, Габриела Петрушевска, Марија Новак, Нино Леви и Кире Ѓоревски. Ѓоргиев стои и зад сценографијата и изборот на музика, а костимите се на Роза Трајческа-Ристовска.

Македонската публика ја препознава Петрушевска по бројните улоги на сцената на Народниот театар Битола, каде се вработи веднаш по дипломирањето во 1999, а од февруари е член на ансамблот на МНТ.

„По 20-годишна кариера правам трансфер на сосема друго место. Почувствував дека треба малку да ги раширам ѕидовите“, вели Петрушевска.

Петрушевска позираше за СМАРТ СДК.МК во шминката што ќе ја има во претставата (Фото: К. Попов)

„Најкратки драми на светот“ е нејзина прва претстава во МНТ.

„Се работи за драга книга на режисерот, во која ги бара приказните што сака да ги раскаже. Тој вели дека ова е негов сон, а ние како екипа сме викнати да го отсонуваме сонот на Трајче Ѓоргиев. Да пренесеме нешто кое тој верува дека треба да биде театарски израз. Да раскаже некои свои приказни. Има повеќе, многу кратки сцени кои се раскажуваат во манир на физички театар. Самата шминка влече на една пантомимичарска игра, но тоа е само како надворешен израз на целата работа“, ни рече глумицата.

„Секоја од овие пиеси, минијатури на Муза Павлова, Шпиро, Каринти, Велс, Фридман, Чехов и други автори, од својата неконцизна основа го повикува хуморот како спас од вртлогот на безизлезноста и гротеската, што неретко е опачина на слободата“, вели драматургот Дарко Јан Спасов.

Фото: К. Попов

Околу идни планови и улоги кои ги посакува, актерката вели дека сака да го игра тоа што ќе дојде накај неа, што ќе се отвори како приказна и ќе може да го пренесе.

„Имам багаж, и професионален и животен, да раскажам некои приказни. Тоа нека го препознае тој што е од другата страна“.

Б. НЕСТОРОСКА