Екипата на претставата „Галеб“ на Македонскиот народен театар (МНТ) се врати од Кина, каде гостуваше на 20. уметнички фестивал „Средба во Пекинг“.
„Средба во Пекинг“ го организираат Министерството за култура и туризам на Кина, градот Пекинг и Националната радио-телевизија. Фестивалот се одржува од 2000 година и досега учествувале повеќе од 30.000 уметници од над 100 земји од целиот свет.
Претставата на еден од најголемите уметнички фестивали во Кина се играше на 21 јануари, а ја виделе 600 гости.
„Гостувањето во Пекинг за нас претставуваше голем предизвик, со оглед на тоа што игравме пред публика која е навикната на поинаква естетика и на поинаков театар. Она што нѐ прави горди и задоволни е фактот што повеќе од 600 гледачи внимателно ја следеа претставата и сочувствуваа со судбината на ликовите. Ова, како и сите претходни гостувања со мои претстави на различни места низ светот, уште еднаш потврди дека независно на кој јазик зборуваме, исти приказни нѐ поврзуваат“, ни изјави режисерката Нина Николиќ.
Во претставата играат Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Петре Арсовски, Емил Рубен, Благој Веселинов, Дарја Ризова, Дамјан Цветановски, Сашка Димитровска, Тина Трпкоска, Славиша Кајевски и Аксел Мехмед.
Б. НЕСТОРОСКА